недела, 18. ноември 2018. Вести денес: 56
home Регион

Средба на следната „ЕУ тројка“ во Загреб

Средба на следната „ЕУ тројка“ во Загреб

Претставниците на трите земји следни претседавачи на ЕУ – Романија, Финска и Хрватска, кои ќе претседаваат со Советот на Унијата во периодот од 1 јануари 2019 до 30 јуни 2020 година, синоќа одржаа средба во Загреб на која разговараа за заедничките приоритети во нивните претседавања со блокот.

Како што соопшти Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, на средбата присуствувале хрватската државна секретарка за европски работи Андреја Метелко Згомбиќ, романскиот министер делегат за европски работи Виктор Негреску, финскиот секретар за европски работи Каре Халонен и директорот на Главниот секретаријат на Советот на ЕУ, Габор Иван.

На средбата на следната „ЕУ тројка“ биле разменети мислења за заедничките приоритети во текот на нивното 18-месечно претседавање со Унијата, а станало збор и за актуелни теми поврзани со блокот.

Романија ќе претседава со Советот на ЕУ од јануари до јуни 2019, Финска од јули до декември 2019, а Хравтска од јануари до јуни 2020.

Форматот „ЕУ тројка“ е воспоставен со Договорот за Унијата од Лисабон од 2009 година, со кој е утврдено дека „тројката“ ги одредува долгорочните цели и ја усогласува заедничката програма со теми и главни прашања за кои ќе расправа Советот на ЕУ во период од 18 месеци. Врз основа на таа програма трите земји што ја сочинуваат „тројката“ ги изработуваат приоритетите за своите претседавања со Унијата.

МИА