Центарот при Советот за безбедност на Косово информира денеска дека состојбата со општините во земјата кои последните денови се соочија со поплави како последица на обемните врнежи на дожд и снег е под контрола, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Центарот, кој е задолжен за следење и управување со кризните ситуации, се вели дека, иако имаше поплави во значителен број косовски општини, освен материјални штети, кои ќе бидат проценети во наредните денови, немало повредени и загинати лица.
Инжињериските и други обучени тимови на Безбедносните сили на Косово (ФСК), како и пожарникарските и спасувачките тимови, и денеска им помагаа на жителите на поплавените подрачја.
Најпогодени од обемните врнежи се општините Малишево, Косово Поле, Вичитрн и Глоговац, но и во повеќе други општини има многу поплавени згради, улици, продажни и производствени објекти, ниви и така натаму.
Премиерот Авдулах Хоти и членови на неговиот кабинет ги посетија вчера дел од поплавените области и ветија помош на семејствата и бизнисите кои се оштетени. (МИА)