петок, 4. декември 2020. Вести денес: 0
home Регион

Состанок во премиерската палата за ширењето на новиот коронавирус во Грција

Состанок во премиерската палата за ширењето на новиот коронавирус во Грција

За оцена на состојбата и преземените мерки за новиот коронавирус во Грција, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово одржа состанок на кој присуствуваа министерот за здравство Василис Кикиљас, претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција, Панајотис Аркуманеас и професорот за заразни болести Сотирис Циодрас, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот била истакната потребата да се потенцира на секој начин, покрај решеноста на државата да презема превентивни мерки, туку и индивидуалната одговорност на граѓаните да се придржуваат кон мерките за хигиена.

Грчкиот премиер побарал да се продолжи со навременото и веродостојно информирање на граѓаните, но и да се разгледа дали се потребни дополнителни активности за да се ограничи ширењето на вирусот, согласно предвидените мерки со неодамна донесениот законски акт од владата.

Состанокот во премиерската палата беше одржан, откако рано утрово во Грција беше потврден десетти случај на Ковид-19 во земјата.

Грчката влада пред 10 дена издаде законски акт со мерките за избегнување и ограничување на ширењето на коронавирусот, а петте члена меѓу другото, предвидуваат, превентивни контроли и ограничувања; вработување и прераспределување на медицински персонал; државни договори за медицински материјал; принудно отстапување кревети од приватните за државните болници; вонредна финансиска помош за Министерството за здравство.

Во првиот член за превенција, следење и ограничување на ширењето на вирусот, се вклучени мерките:

-спроведување превентивни контроли на влезните и излезните точки на земјата во авионското, морското, железничкото или патното поврзување со земјите во кои е регистриран коронавирусот;

-привремено, целосно или делумно ограничување на авионското, морското, железничкото или патното поврзување со земјите во кои има големо ширење на вирусот;

-привремено прекинување на работата на: училиштата и секаков вид на образовни инситуции, просторите за религиозни собири, театрите, кината, местата за спортски и уметнички настани, деловни активности, јавни служби и генерално затворени простори за собир на јавноста;

-ограничување на средствата за јавен транспорт.

Коронавирус