петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 46
home Регион

Словенија нема да брза со олабавување на ограничувањата за граѓаните

Словенија нема да брза со олабавување на ограничувањата за граѓаните

И покрај тоа што беше најавено дека веќе на 4 мај ќе биде донесена одлука за повторно отворање на повеќе помали бизниси и ќе се укинат некои ограничувања за движењето на граѓаните, словенечката Влада реши уште малку да се почека со олабавувањето на мерките.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова значи дека на почетокот на следниот месец, сепак нема да бидат отворени толку очекуваните фризерски и козметичарски салони, а останува и забраната за граѓаните да ја напуштат општината каде што живеат.

Една од причините за ваквата одлука, според Владата, е тоа што е потребно прво да се добијат и анализираат резултатите од големото испитувања за вистинската раширеност на коронавирусот во Словенија, кое предвидува „слепо” тестирање на 3.000 граѓани од сите општини низ земјата.

Според владиниот портпарол Јелко Кацин, во овој период се врши тестирањето кај најмладите, а тоа треба да даде реална слика за раширеноста на вирусот и кај оваа категорија граѓани.

– Некои држави на големо најавуваа дека ќе ги олабавуваат ограничувањата за граѓаните, но сега гледаме дека тој оптимизам некако се стишува. Ние ќе го почитуваме и нивното мислење и ќе го земеме предвид кога ќе се носи одлука кои ограничувања ќе ги олабавиме, изјави Кацин.

Инаку, изминатата недела во Словенија повторно се отворија некои спортски објекти, сервиси за велосипеди и автомобили, автоперални, станици за технички преглед и разни сервиси.

Коронавирус