петок, 4. декември 2020. Вести денес: 89
home Регион

СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ: Четири нови случаи на коронавирус во Србија

СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ: Четири нови случаи на коронавирус во Србија

Во Србија вечерва се регистрирани уште четири нови случаи на инфекција со коронавирус, така што вкупниот број на заразени сега изнесува 35, покажуваат најновите податоци на српското Министерство за здравство.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, од 25 тестирани случаи, четири биле позитивни, а 21 се негативни на новиот коронавирус.

– Кога станува збор за заразените, три лица се лекуваат дома, а едно лице е во болница и се наоѓа во стабилна состојба, изјави српскиот министер за здравство Златибор Лончар.

Тој достави информации и за пациенти кои се лекуваат во Белград (10) и Ниш (шест). Како што кажа, ниту еден од овие пациенти не е во сериозна состојба и не е на респиратор.

– Повеќето од нив се чувствуваат подобро отколку што беа во претходниот период, изјави Лончар.

Што се однесува до пациентите во Војводина, еден од петмината е во сериозна состојба, соопшти Лончар на прес-конференција.

Во Србија забранети се сите јавни собири за над 100 луѓе во затворени простории, а ова важи и за свадби, крштевки, родендени и други традиционални настани, како и собири во угостителските објекти, ресторани, кафулиња, дискотеки и слично.

Четириесет и четири помали гранични премини се затворени, забранет е влез за странски државјани кои доаѓаат од жариштата на коронавирусот, забрането е присуство на публика на фудбалските натпревари, но образовните институции и градинките се уште работат и покрај барањата на синдикатот за образование и на опозицијата. Исто така, забранет е влезот и за странски државјани кои преку Романија влегуваат во Србија.

Неколку ученици од гимназијата во Чачак кои присуствуваа на роденденската забава каде било и лице од странство кое е позитивно на коронавирус, беше причина директорот превентивно да ја распушти смената во таа гимназија, за што министерот за образование Младен Шарчевиќ предупреди дека кон него ќе бидат применети казнени мерки.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека во тек е тестирањето на систем за домашна настава, доколку се случи училиштата да бидат затворени заради коронавирусот.

– На денешната седница на српската Влада се формираа два кризни штаба – едниот за сузбивање на коронавирусот, а другиот за отстранување на ефектите врз економијата, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Производителите на масло, брашно, шеќер, вода, пелени и други производи во Србија попладнево изјавија дека немаат проблеми во производството и снабдувањето, иако набавките во последните три дена се зголемени за 100 проценти, но само во Белград, и дека потрошувачите не треба да создаваат резерви за овие производи.

Коронавирус