вторник, 23. јули 2019. Вести денес: 8
home Регион

Се зголеми бројот на жртви од невремето на Халкидики

Се зголеми бројот на жртви од невремето на Халкидики

Пронајдено е уште едно тело по синоќешното невреме на Халкидики, пишува грчкиот портал „Њуз 24 7“. Сè уште не е потврден идентитетот на загинатото лице, чие тело било пронајдено во Созополи (место под Неа Каликратија).

Се трага и по исчезнатиот морнар кај Каликтартија, а хоспитализирани се 23 повредени лица, од кои една 72-годишна жена се наоѓа во критична состојба, информираше портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот вонреден брифинг со новинарите за ситуацијата во северниот дел на земјата.

Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали имаат информации за повредените од која националност се, истакна само дека повеќето од нив се туристи.

-Информирањето за повредените е континуирано, се известуваат нивните амбасади. Не би сакал да коментирам пред да се известат нивните амбасади, но повеќето од нив се туристи, одговори Пецас.

Владиниот портпарол објасни дека од Министерството за надворешни работи ги известуваат амбасадите на земјите од каде што се жртвите и повредените.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, дипломатските претставаништва на Република Македонија во Грција, не добиле официјално известување за македонски државјани меѓу повредените, а истото произлегува и од нивната сопствена иницијатива за добивање информации за повредени наши граѓани.

На денешниот вонреден брифинг за ситуацијата на Халкидики тој ги соопшти мерките што ќе ги преземе Владата и информираше за моменталната ситуација.