сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 30
Во живо

Протест во Скопје – „Оставка на Заев, слобода на народот“

home Регион

Самос ги пребројува штетите од земјотресот, Мицотакис денеска заминува за островот

Самос ги пребројува штетите од земјотресот, Мицотакис денеска заминува за островот

Ситуацијата, овде на Самос е крајно сериозна, рече доцна синоќа заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас по состаноците на островот, додека пак денеска, за Самос заминува и грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Во земјотресот со јачина од 6.7 степени загинаа двајца средношколци, откако врз нив се урнал ѕид од куќа, а повредени се вкупно 19 лица.

Од повредените, 14-годишно момче и 63-годишна жена со фракции, беа итно префрлени и хоспитализирани во болници во Атина, додека пак седум лица се лекуваат во болницата на Самос, вон животна опасност.

Останатите десет лица имале лесни повреди и откако им била понудена прва помош се вратиле во нивните домови.

Дел од жителите на островот ноќта ја поминаа на отворено, во шатори поставени на стадион.

-Поставени се шатори за првично згрижување, обезбедени се и соби за да можат да се сместат луѓето кои или се соочуваат со проблем, кој сѐ уште не е регистриран или не сакаат да престојуваат во нивните домови, рече синоќа заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој паралелно повика дека потребна е смиреност, трезвеност и голема внимателност и додаде дека на островот ќе се прогласи вонредна состојба.

На Самос се заменик-министерот за цивилна заштита, заменик-министерот за внатрешни работи, генералниот секретар за инфраструктура, како и надлежните за справување со вонредни состојби, спасувачки екипи, градежни инженери, кои одржаа низа координативни состаноци со локалните власти, а во текот на денешниот ден ќе се проценува и предизвиканата штета. 

Точно напладне, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ги соопшти новите мерки за справување со пандемијата, нешто што беше закажано за вчера, но одложено поради земјотресот.

По телевизиската порака до граѓаните, Мицотакис ќе замине за Самос.

Коронавирус