понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 145
home Регион

САД: Поддршка на дијалогот Белград-Приштина, нема паралела со Република Српска во БиХ

САД: Поддршка на дијалогот Белград-Приштина, нема паралела со Република Српска во БиХ

САД го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина и за САД не постојат никакви паралели помеѓу Косово и Србија со Република Српска (РС), изјави денеска амбасадорката на САД во Босна и Херцеговина Морин Кормак.

– Она што ние го поддржуваме, кога е во прашање Косово, е дефинитивно дијалогот, за кој сметаме да треба да се води се додека не се дојде до решение, кое ќе биде плод на заеднички договор и на двете страни. Ние секако дека ја поздравуваме улогата која ја има ЕУ во тие разговори, изјави Морин Кормак за Радио Слободна Европа.

Коментирајќи го зачестеното споменување за нови разграничувања во регионот, како она меѓу Косово и Србија, а во контекст на домино ефектот кој би можел да се одрази на Република Српска, таа одговори дека политиката на САД е повеќе од јасна и доследна-не постојат никакви паралели помеѓу Косово и Србија и РС.

– Нашата политика е доследна кога е во прашање поддршката и посветеноста на суверенитетот и на територијалниот интегритет на БиХ. Таа е единствена држава која се состои од два ентитети. Според Дејтонскиот мировен договор, БиХ во својата структура се состои од два ентитети и тие, според овој договор немаат право на отцепување, укажа американската амбасадорка во БиХ.

Таа ја оцени како загрижувачка атмосферата во БиХ во пресрет на изборите.

– Загрижувачки е што политичарите се користат со лаги и страв како основа на кампањата, наместо на реални работи и на оние прашања кои навистина ги загржуваат граѓаните, изјави Морин Кормак. (МИА)

Коронавирус