сабота, 31. октомври 2020. Вести денес: 25
home Регион

Регистрирани над 35 последователни земјотреси на Закинтос

Регистрирани над 35 последователни земјотреси на Закинтос

По земјотресот од 6,8 степени на Закинтос, до 8 часот утрово се регистрирани над 35 последователни земјотреси, од кои десет со јачина поголема од 4 степени и еден од 5.1 степен, според Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, соопшти Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција.

Како што јави дописничката на МИА, според досегашните информации, нема регистрирани повредени лица, силниот земјотрес предизвика материјални штети, а веќе се решени проблемите со снабдувањето со електрична енергија.

Веднаш по земјотресот биле активирани сите механизми за цивилна заштита, а во зголемена состојба на готовност се Специјалните единици за справување со непогоди на грчката противпожарна служба.

На грчкиот остров веднаш заминале генералниот секретар за цивилна заштита, специјалниот секретар за управување со кризи, претседателот на Агенцијата за планирање и заштита од земјотреси, како и претставници од Дирекцијата за планирање и справување со вонредни состојби од Секретаријатот за цивилна заштита. Во исто време на Закинтос пристигнаа и инженери од Министерството за инфраструктура и транспорт за да ја проверат издржливоста на објектите и да ги регистрираат штетите од земјотресот.

МИА

Коронавирус