вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 171
home Регион

Регистрирани 49 последователни потреси по силниот земјотрес во Атина

Регистрирани 49 последователни потреси по силниот земјотрес во Атина

До осум часот утрово по вчерашниот силен земјотрес од 5,1 степен според Рихтеровата скала, северозападно од Атина биле регистрирани 49 последователни потреси од кои еден над четири степени, два над три, а останатите 46 под три степени според Рихтер, согласно податоците од грчкиот Геодинамички институт, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките сеизмолози, оваа активност, говорејќи за медиумите ја коментираат како нормална и очекувана и веројатно земјотресот од 5,1 степен беше и главниот.

Министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис вели дека државниот механизам ќе остане во состојба на готовност и во текот на викендот, додека, пак, од денеска се очекува да започне регистрацијата на штетите.

Во вчерашниот земјотрес се урнаа два стари и ненаселени објекта во две атински населби, а претрпеа штета фасадите на домови и згради во различни делови на Атина. Во неколку населби во Атина, противпожарната служба на Грција добила повици од граѓани кои биле заглавени во лифтови.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа го посети Координативниот центар за операции на Противпожарната служба на Грција, каде што беше информиран за активностите и подготвеноста за справување со последниците од земјотресот.

– Сакам уште еднаш да кажам едно големо браво за државниот механизам што многу брзо се мобилизираше, следејќи ги сите оперативни планови и верувам дека одговори задоволително во овој вонреден случај. Грција е сеизмичка земја, научивме да живееме со земјотреси. Ова беше уште еден земјотрес, во иднина ќе има и други, нема сомнеж за тоа, и првата грижа на државата е да ги заштити животите и имотите на граѓаните, рече Мицотакис.

Министерот за туризам на Грција, Харис Теохрарис и неговиот заменик Манос Консолас, по вчерашниот земјотрес стапиле во контакт со претставниците на туристичките агенции и организации за да ги информираат и да им достават упатства за информирање на туристите кои што се наоѓаат во Атина како да се заштитат и што да прават во случај на земјотрес.

Упатствата, што се објавени и на сајтот на Министерството за туризам на Грција, им објаснуваат на туристите дека земјотресите се чести во земјата, а зградите се изградени со можност да издржат ваков вид на потреси.