четврток, 2. јули 2020. Вести денес: 242
home Регион

Реакции на Мета, Рама и Баша по постигнатиот договор за изборната реформа

Реакции на Мета, Рама и Баша по постигнатиот договор за изборната реформа

По постигнатиот договор за изборната реформа на политичките партии во Албанија, реагираа шефот на државата Илир Мета, премиерот и лидер на владејачките социјалисти, Еди Рама и лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша.

Претседателот Мета му честита на Политичкиот совет за постигнатиот договор сметајќи го за позитивна вест, но не и доволен за да гарантира слободни и фер избори. Тој, исто така, им се заблагодари на европските партнери за трпеливоста.

„Ова е позитивна вест, но не е доволно за да се гарантираат слободни и фер избори. Консензус културата мора да продолжи и за други услови за да се забрза започнувањето на преговорите. Благодарност и до нашите европски партнери за нивната трпеливост! Посебна благодарност и до САД и Велика Британија кои ја поддржуваат европската иднина на Албанија, стои во реакцијата на Мета.

Премиерот Еди Рама во својата реакција не ја поштеди иронијата потенцирајќи дека опозицијата конечно го прифатила Изборниот законик каков што бил, но според него, важно е тоа да се направи како што тие сакале.

„По три години марширање и три непроспиени ноќи , тие ни го донесоа последниот збор: „добар беше, каков што беше“.

Но, добро, јас мислев и се уште мислам дека има уште подобро, но ако опозицијата е задоволна со толку за идните избори бујрум, како што сакаат тие. Важно е дека опозицијата ќе влезе на избори со Изборниот законик каков што сака. ОДХИР се согласува дека ова не ја нарушува слободата на избори, ЕУ е задоволна, Албанија веќе нема прашања во пресрет на одлуката за официјалниот датум на започнување на преговори. Ах, да, заврши и револуцијата, напиша Рама на Твитер.

Лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, го поздрави договорот и оценува дека тоа е „значаен чекор кој дава многу гаранции за слободни и демократски избори“.

„Направивме еден чекор напред, за да обезбедиме повеќе гаранции за слободни и фер избори во Албанија. Обединетата опозиција е подготвена и работи секој ден да им го врати владеењето на Албанците. Во име на обединетата опозиција, изразуваме благодарност до нашите евроатлантски сојузници и партнери за нивната помош и придонесот за изнаоѓање договор за изборна администрација, стои во реакцијата на Баша.

Договорот за изборната реформа го позрдавија и амбасадорите на САД, ЕУ, Велика Британија и ОБСЕ.

Парламентарни избори 2020