сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 64
home Регион

Прва жртва на коронавирусот во Албанија

Прва жртва на коронавирусот во Албанија

Во Албанија денес е пријавен првиот смртен случај од последиците на коронавирусот, соопшти министерството за здравство на таа земја.

Во соопштението се наведува дека 73-годишна пациентка инфицирана со вирусот ковид-19 починала поради сериозни компликации, а како што пренесува агенцијата АТА, таа пред десетина дена се вратила од Италија, каде што била да го посети синот.

Кога била хоспитализирана поради воспаление на белите дробови, не им кажала на лекарите дека се вратила од Италија, а дека е заразена со коронавирусот било откриено по тестовите.

Пред доаѓањето во болница жената била на погреб па се сомнева дека заразила други лица, вклучувајќи го и персоналот во болницата во Драч.

Таа била на интензивно лекување и патела од хронични болести.

Во Албанија се затворени училиштата и се спроведуваат строги мерки на контрола. Министрите носат маски, како и премиерот Еди Рама, а досега се потврдени 12 случаи на коронавирусот.

Сите заразени патувале во Италија, пренесуваат албанските медиуми.

Полицијата синоќа, по налог на владата, затворила кафулиња, ноќни клубови, сали за вежбање и објекти за одржување концерти.

Најавено е дека од утре оружените сили и полицијата ќе излезат на улиците за да постават контролни пунктови во градовите и селата, и дека на тие пунктови ќе се проверуваат луѓето што неодамна се вратиле од Италија и Грција.

Тие луѓе ќе бидат обврзани да останат во домашна самоизолација 14 дена, а на секој кој ќе ја прекрши одлуката за карантин ќе му биде изречена казна и до 5.000 евра.

Коронавирус