четврток, 27. јуни 2019. Вести денес: 0
home Регион

Проширена истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ

Проширена истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ

Косовското Специјално јавно обвинителство ја прошири истрагата за убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, врз основа на информации добиени од една странска разузнавачка агенција.

Како што јави РТК, Специјалното обвинителство информирало дека од разузнавачката агенција биле добиени извештаи и фотографии, кои ќе станат дел од материјалите во истрагата за убиството на Ивановиќ.

Според овие нови сознанија, групата што го извршила убиството на Ивановиќ се состоела од пет лица, кои „се доведени во врска со „Вождовачкиот клан“ и биле ангажирани од страна на српската тајна служба“.

Ивановиќ, кој беше лидер на партијата на косовските Срби,  Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), беше убиен на 16 јануари минатата година пред партиското седиште, недалеку од неговиот дом во Северна Митровица.

Во врска со убиството на Ивановиќ досега се приведени три лица, на кои Апелацискиот суд на Косово вчера им го продолжи притворот до 23 февруари.

Тројцата приведени, Недељко Спасојевиќ и Драгиша Марковиќ, кои се припадници на полицијата на Косово, заедно со Марко Рошиќ, беа уапсени во голема акција на косовските специјални единици на 23 ноември. Во акцијата, како што беше објавено, било пронајдено илегално оружје и „други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.

Според Обвинителството, Спасојевиќ и Рошиќ се сомничат дека како припадници на криминална група го извршиле кривично дело „помагање во тешко убиство“, додека Марковиќ, исто така како член на групата, е осомничен за „одавање службена тајна“.

МИА