вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 2
home Регион

Претседателот на Германија во официјална посета на Грција

Претседателот на Германија во официјална посета на Грција

На покана на неговиот грчки колега Прокопис Павлопулос, претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, денеска ќе допатува во официјална посета на Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбите и активностите на Штајнмајер се закажани за утре и задутре.

Утре наутро тој ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, а потоа ќе има средба со претседателот на Грција. По средбата со Павлопулос, Штајнмаер ќе разговара и со грчкиот премиер, Алексис Ципрас.

Германскиот претседател ќе присуствува и на настан во Националната библиотека на Грција на тема „Младите во Европа, искуства, меѓусебна перцепција, заедничка иднина“, додека пак на атинскиот Универзитетот ќе биде прогласен за почесен доктор на Правниот факултет.

Првиот работен ден од официјалната посета на Грција, Штајнмајер ќе го заврши со вечера, што Павлопулос ќе ја приреди во негова чест во Претседателската палата во Атина.

Двајцата претседатели в петок ќе го посетат грчкиот град Каламата, на полуостровот Пелопонез, каде што на Штајнмајер ќе му биде доделен „златен клуч“ на градот и ќе биде прогласен за почесен граѓанин. (МИА)