четврток, 16. септември 2021. Вести денес: 114
home Регион

Потврден прв случај на корона вирус во Хрватска

Потврден прв случај на корона вирус во Хрватска

Во Хрватска е забележан првиот случај на инфекција со корона вирус. Потврди премиерот Андреј Пленковиќ, додавајќи дека станува збор за помлад пациент кој престојувал во Милано и оти е хоспитализиран во Загреб, со поблаги симптоми, во клиниката Фран Мијаљевиќ.

„Ги добивме резултатите од тестовите на хрватскиот државјанин кој престојувал во Милано во периодот од 19 до 21 февруари. Тој покажува поблаги знаци на болеста, ги преземаме сите мерки на претпазливост. Ќе се концентрираме на контактите коишто ги има остварено“, изјави хрватскиот министер за здравство, Вили Берош.

Денеска во Загреб се одржа и итен состанок на здравствените власти за тоа какви дополнителни мерки треба да се преземат да се спречи евентуалното ширење на вирусот.

На општините ширум Хрватска им е сугерирано да обезбедат простор што би се користел како карантин зона, а на граничните премини во Истра веќе се распоредуваат епидемиолози и санитарни инспектори кои ќе треба да прават контрола на лицата кои влегуваат во земјата.

Инаку, учениците кои поради екскурзија во Италија беа ставени во куќен карантин им е дозволено да излезат од истиот, бидејќи анализите покажале дека меѓу нив нема заразени со коронавирусот.

Коронавирус