среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 47
home Регион

Поради прекршување на забраната за движење изречени казни од над 6 милиони евра во Грција

Поради прекршување на забраната за движење изречени казни од над 6 милиони евра во Грција

Од казните за несовесните граѓани за прекршување на мерките за забрана на движењето, грчката полиција, заклучно со вчера изрекла казни во висина од над шест милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно податоците од полицијата, од почетокот на забраната, заклучно со вчера, за непотребно и неоправдано излегување и движење биле казнети 40.034 лица, а со оглед на тоа дека казната е 150 евра, изречени се казни во висина од 6.005.100 евра.

Паралелно, минатата седмица беше воведена двојно повисока казна од 300 евра за движење надвор од периферијата на постојано живеење, а досега казнети биле 381 лице, односно казни во висина од 114.300 евра

Средствата од казните ќе бидат наменети за зајакнување на националниот здравствен систем.

Најголемиот дел од прекршувањата на рестриктивните мерки се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Од 23 март 2020 година, во Грција е забрането движењето на граѓаните, со исклучок на оние кои одат на работа, а дозволени и оправдани се само шест причини за излегување од дома: посета на супермаркет; посета на аптека или лекар; посета на банка; посета на лица на кои им е потребна грижа; погреб, свадба или крштенка и физичка активност или прошетка на домашно милениче.

Движењето поради конкретните причини треба да биде проследено со соодветна потврда која може да биде преку пополнет формулар, рачно напишана или со смс порака.

Локални избори 2021