петок, 18. септември 2020. Вести денес: 145
home Регион

Помпео во посета на Словенија, потпишува изјава за 5G мрежата

Помпео во посета на Словенија, потпишува изјава за 5G мрежата

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ќе престојува денеска во кратка посета на Словенија, за време на која ќе биде потпишана заедничка изјава за безбедносните прашања поврзани со мрежата 5G.

Помпео вчера беше во Чешка, прва станица на европска турнеја со голема агенда, вклучително и улогата на Кина во градењето на 5G мрежа, а по Словенија ќе ги посети Австрија и Полска.

Помпео пристигна во Европа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави намалување на вoеното присуство на САД во Германија на крајот на минатиот месец.

Според словенечката агенција СТА, текстот на нацрт-декларацијата предвидува безбедносна проверка на корпорациите што нудат 5G технологија, транспарентност на нивна сопственичка структура, без оглед дали тие ги почитуваат правата на интелектуална сопственост и законите поврзани со транспарентноста на корпоративното управување.

САД веќе потпишаа слични заеднички изјави со Полска, Романија, Естонија и Летонија, а нивната цел е, меѓу другото, да ја потенцираат важноста на безбедни дигитални мрежи на ниво на Европската унија и НАТО.

Иако името не е директно наведено во нацрт-документот, според СТА, целта на изјавата е веројатно намерата да се наметнат ограничувања на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“, со оглед дека претседателот Трамп се обидува да ги одврати сојузниците од правење бизнис со Кина и Хуавеи, поради наводниот безбедносен ризик и потенцијалот за шпионажа за сметка на кинеските власти.

Според најавите од словенечката Влада, разговорите ќе бидат посветени на зајакнување на билатералниот дијалог на политичко и економско поле, а САД се заинтересирани и за зајакнување на соработката во областа на енергетиката, особено кога станува збор за изградба на друг блок на нуклеарната централа Кршко.

Пристигнувањето на Помпео во Словенија е прва посета на еден американски функционер со толку висок ранг по многу години.

Коронавирус