Видео снимката од насилното апсење на домородниот поглавар ја шокираше Канада.
На снимката се гледа како полицијата го соборила на под и го удирала Алан Адам, поглавар на племето Прва нација Атабаска Чипјуен. Инцидентот се случил на 10-ти март во округот Форт Мекмури во Алберта, пишува “BBC”.
Премиерот побарал истрага
Протестите кои бараат полициски реформи започнале во САД по убиството на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд, а потоа се прошириле и низ Европа и Канада.
Канадскиот премиер Џастин Трудо побарал независна истрага.
Службеничката на “RCMP” Бренда Лаки прво рекла дека не може со сигурност да се каже дали има систематски расизам во канадската полиција, но во петокот попладне објавила соопштение во кое напишала дека “систематскиот расизам е дел од секоја институција, па и од “RCMP””.
“Низ нашата историја и денес не сме се однесувале праведно кон другите раси во населението”, стои во соопштението.
“RCMP” пред објавата на снимката од апсењето во четвртокот навечер објавил дека го истражиле случајот и дека делувањето на нивниот припадник било “разумно”.
Инцидентот започнал кога полицаец му пристапил на Адам и неговата сопруга поради неважечка регистрација на автомобилот, а во 12 минути долгата снимка се гледа како Адам води тензичен и вулгарен разговор со полицаецот.
“Уморен сум од злоставувањето на полицијата”, вели тој. Спорот прераснува во насилство кога полицаецот се обидува да ја уапси сопругата на Адам, кривејќи ја нејзината рака зад грбот.
Адам тогаш излегува од автомобилот и го турка полицаецот, по што следи физичка пресметка и апсење.