сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 0
home Регион

По смртта на 20- годишната девојка откако прими вакцина „Џонсон и Џонсон“, се бара оставка од Владата во Словенија

По смртта на 20- годишната девојка откако прими вакцина „Џонсон и Џонсон“, се бара оставка од Владата во Словенија

Словенечката опозиција денеска побара оставка од Владата поради одлуката за вакцината „Џонсон и Џонсон“, откако 20-годишна девојка почина неодамна по примањето на оваа вакцина.

Девојката почина две недели по имунизацијата од згрутчување на крвта, што е ретка појава од вакцината на „Џонсон и Џонсон“.

За разлика од другите земји на ЕУ кои ја повлекоа вакцината или ја препорачаа само за возрасни лица, таа летово се користеше без ограничувања во Словенија. Вакцината, која се дава во една доза, е особено популарна кај младите луѓе.

– Министерот Јанез Поклукар мора да преземе одговорност и да поднесе оставка бидејќи одлуката за оваа вакцина ја донесе без мислење од професијата, истакна пратеникот од редовите на социјалдемократите Дејан Жидан пред новинарите.

Повикувајќи се на владини документи, весникот „Дневник“ во петокот објави дека одлуката ја донеле соработници на министерот за здравство без да се консултираат со епидемиолози и инфектолози.

По смртта на девојката, употребата на „Џонсон и Џонсон“ беше прекината и Владата одлучи дека во иднина сите луѓе ќе бидат вакцинирани со побезбедни вакцини на „Фајзер/БиоНТек“ и „Модерна“, освен оние кои ја сакаат на „Џонсон и Џонсон“ на сопствен ризик.

– Тоа беше уште еден во серијата потези на оваа Влада во кои се прекршени правилата на професијата и јавноста, нагласи Марјан Шарец, поранешен премиер и еден од лидерите на левичарската опозиција.

Поранешната премиерка Аленка Братушек смета дека се што е поврзано со контролата и управувањето со епидемијата е погрешно, „така што не само Поклукар, туку целата влада на Јанез Јанша треба да поднесе оставка“.

Коронавирус