вторник, 3. август 2021. Вести денес: 89
home Регион

ПО МАКЕДОНСКО СЦЕНАРИО: Српската шарена револуција вечерва ќе ја „напаѓа“ ТВ Пинк

ПО МАКЕДОНСКО СЦЕНАРИО: Српската шарена револуција вечерва ќе ја „напаѓа“ ТВ Пинк

Во Белград вечерва, како што е најавено, ќе се одржи 18-иот граѓански протест на опозицијата и граѓаните од „Еден од пет милиони“, со протестно шетање од Владата на Србија до ТВ Пинк, која од страна на демонстрантите е означена како „пропагандна машина на власта“.

Од страна на организаторите, најавено е дека протестите кои ќе започнат во 18 часот ќе бидат мирни. Но, сопственикот на ТВ Пинк, Жељко Митровиќ најави дека „граѓаните ќе ги залие со фекалии и подготвува дочек со големи звучници пред зградата на ТВ Пинк“, пренесува ТВ Н1.

Во пресрет на протестното шетање се огласи и претседателот Алекандар Вучиќ, кој на прес-конференција изјави дека полицијата во некој момент ќе мора да реагира на насилството.

– Се што работат е да се предизвика реакција на полицијата. Полицијата во одреден момент ќе мора да реагира на нивното насилство, изјави Вучиќ.

Од опозицијата реагираа, а лидерот на Српската Левица, Борко Стефановиќ изјави дека „повикувањето на пендреци, значи дека власта е исплашена.“

– Можете ли да замислите, претседателот во која било демократска држава да каже дека ќе има полиција и како полицијата ќе брани и „да, ние нема да им дозволиме”. А, што нема да дозволиш? Апсолутно, секогаш имавме мирен протест. Ниту еден цвет не изгазен, рече Стефановиќ, во пресрет на денешните протести.

Министерот на полицијата, Небојша Стефановиќ досега не прецизираше дали ќе има полициски кордон пред ТВ Пинк, но истакна дека ќе бидат преземени сите мерки потребни за спречување на насилството.

Организаторите на протестот не очекуваат интервенција, бидејќи велат дека го имаат секое право на мирен протест пред „телевизијата која ја обманува јавноста“.

-Во суштина, тоа е нов национален медиум, наша нова јавна телевизија која ги разбива сите критериуми на здрав разум. Тие навредуваат, покажуваат недостиг на пристојност на секој чекор, што децата не би требало да го гледаат, и постојано лажат. Тоа е пропагандна машина на оваа власт, изјави Срѓан Мастровиќ, еден од организаторите на протестот „Еден од пет милиони“.

Денеска се огласи и поранешниот српски претседател и лидер на Социјал-демократската партија Борис Тадиќ, кој за весникот „Данас“ изјави дека „претседателот Вучиќ ги подбуцнува граѓаните едни против други, ги дели и повикува на насилство помеѓу нив….политичките (хуље) ѓубриња никогаш не можат без (руље) толпа“.

На ова, претседателот Вучиќ, кој е на кампањата „Иднината на Србија“ во Петровац на Млава, одговори реторички дека „Тадиќ мислел на себе“.

Коронавирус