четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 118
home Регион

Пецас: За среќа немаме жртви при судирот на бродовите

Пецас: За среќа немаме жртви при судирот на бродовите

Зачудувачки е како се случи инцидентот со бродот со португалско знаме, предводен од полски капетан, кој не го виде нашиот брод и речиси се качи врз него, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас за информативниот портал „Њузит“ за судирот меѓу бродот на грчката воена морнарица со товарниот брод, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас истакнува дека за среќа нема жртви, со оглед на тоа дека е уништен задниот дел од воениот брод.

Објасни дека од 27 членови на екипажот, четири лица останале да помогнат во напорите за извлекување на бродот, а останатите 23 биле пренесени во болница, од кои двајца се полесно повредени.

Според грчките медиуми, капетанот на товарниот брод е уапсен и се истражуваат причините за несреќата.

Од грчката крајбрежна служба соопштуваат дека на товарниот брод му е забрането да замине од пристаништето додека е во тек истрагата.

Оштетениот воен брод со помош на реморкер се извлекува кон военото пристаниште на островот Саламина.

Рано утрово во морскиот дел во близина на атинското пристаниште Пиреас, од засега непознати причини, се судрија брод на грчката воена морнарица со товарниот брод што плови под португалско знаме.

Коронавирус