вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 89
home Регион

Пецас: Грчкиот премиер јавно ќе се вакцинира за да им даде пример на граѓаните

Пецас: Грчкиот премиер јавно ќе се вакцинира за да им даде пример на граѓаните

Самиот премиер рече дека има намера јавно да се вакцинира и ќе ги повика и политичките партии и тие да се придружат за да бидат пример дури и за оние кои се скептични или со недоверба, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите и објасни дека ќе се спроведе информативна кампања за да се убедат граѓаните за безбедноста и ефективноста на вакцината, јави дописничката на МИА од Атина.

– Преку примерот на грчкиот премиер и други важни личности од Грција како и преку одредени групи како што се здравствените работници или ранливите категории, општата популација ќе види дека е безбедно да се вакцинираат и ќе ја констатираат ефикасноста на вакцината. За да помогнеме ова да се случи побрзо, а не подоцна, бидејќи е важна брзината со која нашето општество ќе се стекне со посакуваниот имунитет, ќе спроведеме кампања за вакцинација во периодот јануари – март, објасни Пецас.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа дали Грција би барала „потврда за вакцинација“ за влез во земјата, портпаролот на грчката Влада рече дека иако постојат такви дискусии во земјата и странство, засега тие се фокусирани на убедувањето на населението да се вакцинира.

– Тоа е дискусија што започна на разни форуми и во внатрешноста на Грција и на меѓународно ниво и е нешто за кое ќе разговараме во продолжение. Во моментов, фокусирани сме на убедување. Затоа се осврнав на убедувањето преку пример и убедување преку информативна кампања, која е неопходна за да има доволен процент од популацијата што би сакала да се вакцинира. Во оваа фаза се задржуваме на ова. Ги слушаме сите овие дискусии и ќе видиме како ќе се развиваат во иднина, рече Пецас.

Владиниот портпарол на денешниот редовен брифинг со новинарите повтори дека вакцинацијата во Грција ќе биде бесплатна и незадолжителна.

Според веќе презентираниот план, во Грција ќе има 1.018 центри за вакцинација, а процените се дека месечно ќе можат да се вакцинираат околу 2.117.440, бројка која може да се зголеми доколку е поголем бројот на вакцини.

Приоритет ќе имаат здравствените работници кои први ќе се вакцинираат, потоа ќе следат ранливите категории, а во продолжение и населението. (МИА)

Коронавирус