недела, 16. декември 2018. Вести денес: 33
Во живо

Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ во Велес

home Регион

Партијата на Харадинај му порача на Тачи дека и тој може да биде сменет

Партијата на Харадинај му порача на Тачи дека и тој може да биде сменет

Потпретседателот на партијата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Ардиан Ѓини, му порача на косовскиот претседател Хашим Тачи дека е „сосема возможно“ и самиот Тачи да биде урнат од позицијата претседател на  државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ѓини, во денешното интервју за телевизијата Т7, по повод вчерашната изјава на Тачи дека Харадинај може да биде сменет од функцијата претседател на Владата доколку продолжи да се спротивставува на идеите за „корекција на гранциите“ со Србија, рече дека „секој може да биде сменет, па така и претседателот Тачи“.

При тоа, потпретседателот на партијата на Харадинај нагласи дека Тачи нема никаква законска моќ да го смени премиерот.

– Тачи треба да биде по експлицитен. Постојат процедури за уривање, покрај политичките калкулации. Нема функционер кој добил позиција, било преку избори или именување, кој не може да биде сменет. Секој може да биде разрешен, изјави Ѓини.

По вчерашната изјава на Харадинај дека „идејата за корекција на границите е мртва“, при што изрази и сочувство до заговорниците на таквото решение за споровите со Србија, Тачи му порача на премиерот дека „треба да се коригира“ и дека „тие што не се корегираат се сменуваат“.

Самиот Харадинај денеска им изјави на новинарите дека „тој што сака да ја урне владата нема да зборува, туку ќе го стори тоа“.

Косовскиот премиер, како и најголемиот дел од владејачките и опозициските партии и од јавноста во Косово од самиот почеток остро се спротивставуваат на идеите кои ги промовира Тачи за промени на границите со Србија, како дел од конечното решение на споровите меѓу двете земји.

Решението што го нуди Тачи со размена на територии, изразено преку декларативната заложба за „корекција на границата“, има поддршка и од српскиот државен врв, пред се од претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кои тоа го нарекуваат „разграничување со Косово“.

МИА