вторник, 15. јуни 2021. Вести денес: 186
home Регион

Пахор за сите земји во регионот во ЕУ, Вучиќ против замрзнати конфликти

Пахор за сите земји во регионот во ЕУ, Вучиќ против замрзнати конфликти

Претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој е во посета на Белград, изјави дека мирот и стабилноста на Западен Балкан можат да се зачуваат само со релативно брз влез на сите земји од регионот во ЕУ.

По средбата со Пахор, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија е посветена на дијалогот со Косово, бидејќи, замрзнатите конфликти завршуваат со „стотици и стотици мртви“, јави дописникот на МИА од Белград.

На заедничката прес-конференција по средбата со Вучиќ, Пахор изјави дека Словенија сака да ги предупреди лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ посочувајќи на потребата од нова стратегија за проширување на ЕУ, која треба да ја потенцира геополитичката димензија на процесот.

-Тоа предупредување, тој геополитички пристап е доста важен ако Брисел сака да го разбере. Некои чувствителни билатерални прашања меѓу земјите во регионот ќе бидат полесно решени или ќе станат ирелевантни ако сите земји не влезат во ЕУ во најкус можен рок, кажа Пахор.

Тој изјави дека иницијативата Брдо-Бриони во чии рамки во понеделник во Брдо кај Крањ ќе се одржи самитот на лидерите на ЕУ и од регионот, треба да посочи дека проширувањето на Унијата е геополитичко, дека мора да се одвива побрзо, дека Брисел мора пред очите да го има целиот Западен Балкан и дека би било „одлично ако сите земји од регионот влезат повеќе или помалку во исто време во ЕУ“.

Пахор додаде дека во тој случај, некои проблеми во регионот „може да останат“, но дека ќе биде полесно да се решат по влегувањето на тие земји во ЕУ.

Српскиот претседател изјави дека Србија е посветена на дијалогот со Приштина под покровителство на Брисел.

-Бевме подготвени за дијалог во мај, ќе бидеме подготвени во јуни и секогаш, затоа што веруваме дека ниту еден замрзнат конфликт не е добар. Гледате како тие завршуваат, на секои пет години некој ги одмрзнува и завршуваат со стотици и стотици мртви. Не ни треба тоа, изјави Вучиќ на прес-конференција со Пахор.

Тој ги обвини големите сили за позицијата дека „Србија е прегазена и дека мора така да се однесува“, оценувајќи дека истите тие земји измислуваат непостоечки принципи за да и наметнат нечија волја на Србија.

Вучиќ кажа дека на дело е „брутално лицемерие“ на западните сили, „кои немаат принципи“, туку ги измислуваат по потреба, како приказната за непроменливоста на границите.

Тој кажа дека одговорот на Србија на сите „оние што ни трубат за принципи, а никогаш не се прудржуваат на нив, дека Србија строго ќе се придржува до принципите, исто како што не ја призна анексијата на Крим од Русија или други сецесии.

-Ние сме на европскиот пат. Не секогаш постојат идеални односи, но тоа е најдобриот начин за Србија, кажа Вучиќ.

Вучиќ додаде дека Србија сесрдно и силно ги поддржува другите земји на европскиот пат и отворањето на кандидатурата и со Албанија и со Македонија. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија