вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 127
home Регион

Отворени сите избирачки места во Црна Гора

Отворени сите избирачки места во Црна Гора

Избирачките места за парламентарните избори во Црна Гора и локалните избори во Будва, Котор, Тиват, Андријевица и Гусиње беа отворени утрово во 7 часот, а граѓаните ќе гласаат до 20 часот.

Право на глас во Црна Гора имаат 540.026 граѓани кои гласаат на 1.217 избирачки места.

Денешните парламентарни избори се единаесетти по воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора и петти по враќањето на независноста.

На парламентарните избори учествуваат шест коалиции и пет политички партии.

Парламентарните избори ќе ги следат 2.089 набљудувачи, од кои 265 се странски.

Претседателот на црногорската Државна изборна комисија (ДИК) Алекса Ивановиќ на правата прес-конференција соопшти дека гласањето почнало на речиси сите избирачки места во 7 часот, освен на едно место, каде почнало подоцна и таму гласањето, според правилата, ќе биде продолжено.

Тој исто така изјави дека на неколку избирачки места се појавил проблем со уредот за електронска идентификација, кои, како што рече, се решаваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, а додека не се најде решение се врши визуелна идентификација.

Во меѓувреме, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Подгорица ги предупреди граѓаните на САД во Црна Гора за можноста за масовни собири.

– Црна Гора ќе одржи државни парламентарни избори во недела, 30 август 2020 година. Имајте ја на ум можноста за голем број луѓе и собири и оти мирните демонстрации можат да станат насилни. Глобалната пандемија на Ковид-19 создава дополнителни безбедносни проблеми, соопшти вчера Амбасадата на САД.

Од оваа дипломатска мисија им препорачуваат на своите граѓани да избегнуваат демонстрации, да внимаваат ако неочекувано се најдат во близина на собир на голем број луѓе или протести, да ги следат најавите во локалните медиуми, да бидат незабележливи, да носат маски на отворено и да одржуваат растојание за да избегнат зараза.

Коронавирус