вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 40
home Регион

Османи: Србија ја водат геноцидни умови, слушнете што вели Дачиќ

Османи: Србија ја водат геноцидни умови, слушнете што вели Дачиќ

Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи вели дека во Србија ништо не е сменето од времето на војните во регионот и дека таа држава „и натаму ја водат геноцидни умови“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Нејзиното тврдење Османи го поткрепува со изјавата на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, дадена во завчерашното интервју за белградската телевизија „Хепи“, во кое тој им забележува на припадниците на српскиот народ „кои им поткажуваат на Албанците и Хрватите“ каде се гробовите на загинатите во војните што Србија ги водеше во тие земји.

-Што правиме ние со Србите? Со оние кои им поткажуваат на Албанците и Хрватите…, кои говорат разни глупости? Им кажуваат каде се погребани Албанците ширум Србија, вели Дачиќ во дел од интервјуто објавено на платформата „Јутјуб“.

Споделувајќи ја снимката со изјавата на Дачиќ на својата страница на Твитер, спикерката на косовскиот Парламент заклучува дека актуелното српско раководство воопшто не се разликува од она кое ја водеше земјата во минатото.

-Слушнете го министерот за надворешни работи на Србија, Дачиќ, како им се заканува на Србите кои ги кажуваат местата во Србија каде што се погребани исчезнатите Албанци. Слушнете го повторно и повторно ако мислите дека српските лидери се промениле. Жалосно, но Србија и натаму ја водат јадни геноцидни умови, напиша Османи.

Косовските медиуми потсетуваат дека актуелниот шеф на српската дипломатија беше еден од најблиските соработници на Слободан Милошевиќ, кој почина во притворното одделение на Меѓународниот суд во Хаг додека му се судеше за воени злосторства и геноцид во поранешна Југославија. Од 1992 до 2000 година Дачиќ беше портпарол на партијата предводена од Милошевиќ, Социјалистичката партија на Србија, а во 2000-2001 беше и министер за информирање во српската влада. По смртта на Милошевиќ во 2006 година, Дачиќ го презеде водството на неговата партија. (МИА)

Коронавирус