недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 81
home Регион

Невреме во Европа: Завеани Алпи, Венеција поплавена, има жртви, а во бура во Хрватска исчезна сурфер (ВИДЕО)

Невреме во Европа: Завеани Алпи, Венеција поплавена, има жртви, а во бура во Хрватска исчезна сурфер (ВИДЕО)

Лошото време што беснее во Европа овие денови однесе шест животи во Италија, додека во Хрватска едно лице е исчезнато.

Бурите, дождот, силните ветришта, високите плими создадоа вистински хаос. Сепак, во Италија беше најлошо, особено во Венеција, каде што водата достигна рекордно ниво. Беа поплавени ресторани и станови, а поради невремето се затворија многу училишта.

На плоштадот на Свети Марко не можеше да се пристапи неколку часа, па многу туристи одлучија да одат низ водата што беше над нивните колена.

Освен во Венеција, алармантна состојба беше прогласена речиси во цела Италија: црвена тревога во северниот дел (Лигурија, Ломбардија, Венето, Фриули и Трентино) и во Абруцо, и портокалова на добар дел од остатокот на полуостровот и во Сицилија.

Девет лица загинаа, а едно се смета за исчезнато по невремето. Во невремето се уништени голем број патишта во земјата и поплавени се неколку градови и населени места. Повредени десетици лица, меѓу кои и неколкумина пожарникари.

Италијанските спасувачки служби соопштија дека вчера биле регистрирани околу 7.000 инциденти, на кои одговориле околу 5.800 пожарникари.

Поголемиот дел од северна Италија и денеска се под закана, откако два дена беснееше бура, со налети на ветрот до 180 километри на час.

Од друга страна, на Алпите во северниот дел на Италија вчера осамна висока снежна покривка. Бура има и во Хрватска, во областа на Савудрија исчезнаа во понеделникот попладне двајца млади луѓе кои отидоа на сурфање и покрај предупредувањата за невремето.

Според ХРТ, пронајден е жив еден од младите луѓе, хрватски државјанин, кој успеал сам да исплива на брегот. За момчето од Словенија, потрагата ќе продолжи и денес, кога ќе дозволат временските услови.

Коронавирус