вторник, 4. август 2020. Вести денес: 0
home Регион

На грчките аеродроми денеска ќе пристигнат над 230 меѓународни летови

На грчките аеродроми денеска ќе пристигнат над 230 меѓународни летови

На првиот ден од отворањето на сите грчки аеродроми, закажани се 235 меѓународни летови со туристи кои ќе пристигнат од Германија, Швајцарија, Полска, Литванија, Србија, Чешка, Романија, Франција, Данска и други европски земји, а најголемиот број од нив, вкупно 70, според грчката новинска агенција АНА-МПА ќе слетаат во два града на островот Крит.

Според истите информации, денеска, освен во Солун и Атина, планирани се меѓународни летови кон Родос, Санторини, Миконос, Скиатос, Парос, Самос, Крф, Кефалониа итн.

Патниците од првите летови по над три месеци пауза, на дел од аеродромите на островите беа пречекани со водени топови, музика и локални специјалитети, јави дописничката на МИА од Атина.

На аеродромите, согласно селекцијата направена со баркодовите на секој патник, ќе се прават и наменски тестови за Ковид-19, а како што пишува АНА-МПА, во градот Ираклио на Крит, дневно ќе се тестираат 825 лица, во Хања на истиот остров 275, а на Родос дневно ќе се земаат 605 примероци за анализи.

Освен аеродромите, отворени се и пристаништата во Патра и Игуменица, а утре се очекува во Патра да пристигнат над 1.000 патници со седум бродови од Италија.

На граничниот премин Промахонас (Кулата), од Бугарија во Грција со несмален интензитет и денеска пристигнуваат автомобили со бугарски, романски, но и српски туристи, а според медиумите во Грција, утрово имало колона од над седум километри.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, во интервју за телевизијата „Мега“ рече дека почнуваат од нула и внимателно ќе се движат до 15 јули, паралелно изразувајќи надеж дека постепено ќе се укинуваат ограничувањата.

Истакна дека се подготвени за справување со можни случаи на Ковид-19 за време на туристичката сезона и додаде дека сигурно ќе постојат заразени лица, но вниманието ќе биде насочено кон спречување на ширењето на вирусот.

Коронавирус