недела, 18. август 2019. Вести денес: 66
home Регион

На албанско-грчката граница за два и пол месеца Фронтекс пресретнал 1.300 имигранти

На албанско-грчката граница за два и пол месеца Фронтекс пресретнал 1.300 имигранти

Европската агенција за гранична безбедност-Фронтекс,објави дел од резултатите од неколкумесечната ангажираност долж зелената гранична линија кај Какавија, Албанија.

Едуарт Меркај, директор на албанската управа за граница и миграција изјави дека од 22 мај, кога почнаа да паролираат припадниците на Фронтекс, до сега, се откриени 1.300 странски државјани кои планирале да транзитираат низ Албанија, главно од Сирија, Ирак, Пакистан, но и од палестинските територии.

-Истите се приведени и спроведна е стандардна процедура за тоа. Некои од нив поднесоа барање за азил, многумина беа депортирани, а во овој период беа приведени 27 лица барани со потерница, изјави Меркај.

Мартин Водраса, заменик-генерален директор на чешката гранична полиција, рече дека Чешка учествува со 13 свои офицери и оти ова е првпат неговата земја да учествува во гранична мисија надвор од ЕУ. Тој ја опиша мисијата како успешна и важна за европската безбедност.

-Ја предводам чешката екипа овде и можам да кажам дека беше одлично искуство. Услугата што ја нудиме овде е во служба на безбедноста на Европа, изјави Водраса.

За заменикот-директор за меѓународни односи Андреа Сторчова резултатите се надежни и безбедносната стратегија нуди поголема контрола врз нелегалната трговија од секаков вид.

-Операцијата Фронтекс докажа дека овие мисии се потребни. Албанија е целна насока на илегални имигранти и трговци со луѓе. Соработката и резултатите беа многу добри,оценува Сторчова.

Ова е прва мисија на Фронтекс во Албанија и воопшто во земја која не е членка на ЕУ. Претходно, полициските сили од 9 земји ,меѓу кои и припадници на македонската гранична полиција, патролираа долж јужната граница со Грција. Операцијата „Фронтекс“ на албанско-грчката граница, составена е од 66 полицајци од 12 земји членки на ЕУ.