понеделник, 25. октомври 2021. Вести денес: 92
home Регион

МНР на Албанија: Србија да ги повлече вооружените сили и страните да се вратат на дијалогот

МНР на Албанија: Србија да ги повлече вооружените сили и страните да се вратат на дијалогот

Албанското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со случувањата на северот на Косово, „изразувајќи загриженост за однесувањето на Србија”.

„Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија е многу загрижено поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Република Косово и најостро ги осудува вандалските дејствија на некои лица. Ништо не ја оправдува употребата на насилство, оштетување на јавниот имот и непочитување на законот. Министерството за Европа и надворешни работи бара овие вандали да бидат изведени пред лицето на правдата“, стои во официјалната реакција на Министерството.

Се додава дека Албанија е особено загрижена за распоредувањето на српските вооружени сили во близина на границата со Косово и воените авиони кои прелетуваат во близина и над воздушниот простор на Косово, кои ги „поттикнуваат поединците да провоцираат немири и насилство, како и да го дестабилизираат Косово”.

Овие акти, се оценува, се косат со меѓународните договори, кои имаат за цел да обезбедат ред и стабилност во тој дел од регионот.

Албанското МНР ја повикува Србија да ги повлече своите вооружени сили во близина на границата, бидејќи, како што стои, провоцираат насилство и посочува дека единствено решение за намалување на тензиите е дијалогот и оти Албанија ќе продолжи да ги поттикнува страните за тоа.

-Ја повикуваме Србија да ги повлече своите вооружени сили испратени на границата со Косово и да работи за итна деескалација на ситуацијата. Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност

и веднаш да се упатат кон дијалог, како единствен начин за напредување и решавање на отворените прашања во духот на соработката, на кои Албанија е неповратно посветена, во своите билатерални и мултилатерални напори, се наведува понатаму во реакцијата.

За институцијата предводена од министерката Олта Џачка, Албанија, како сојузник во НАТО и одговорна членка на Обединетите нации „ќе направи сè што е потребно за да ги поддржи сите напори за итна деескалација на ситуацијата и враќање кон дијалогот”.

Локални избори 2021