сабота, 16. октомври 2021. Вести денес: 89
home Регион

Михајловиќ: Меѓународниот сообраќај низ Србија фунционира, влезени 150.000 камиони

Михајловиќ: Меѓународниот сообраќај низ Србија фунционира, влезени 150.000 камиони

Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура Зорана Михајловиќ изјави денеска дека меѓународниот транспорт преку Србија функционира добро, затоа што снабдувањето е неопходно, не само од аспект на медицинската опрема, јави дописникот на МИА од Белград.

-Од 13 март до денес, на територијата на Србија влезени се околу 150 илјади камиони, од кои околу 70 илјади се за потребите на Србија, а остатокот е во транзит. Сите наши служби – од царината, санитарната инспекција до полицијата, даваат се од себе за да овозможат транспортот да се одвива што е можно побрзо и ефикасно и снабдувањето не смее да престане, изјави Михајловиќ за РТС.

Таа истакна дека покрај патниот, функционираат и водениот и железнички транспорт.

-Суштина на зелениот коридор предложен од државите членки на ЦЕФТА е сообраќајот, штој се одвива низ повеќе земји, да биде што е можно побрз и ефикасен. Србија е прва во регионот која предложи и подготви се за сообраќајот да се одвива на најбрз можен начин. Ги укинавме и полициските конвои бидејќи тоа го забавува сообраќајот. Сите камиони што минуваат низ Србија можат да застанат на едно од осумте постојки, каде што можат да наполнат гориво и да продолжат понатаму. Снабдувањето на граѓаните е на прво место, кажа таа.

Михајловиќ додаде дека кога станува збор за патничкиот сообраќај, Србија ќе има големи загуби.

-Сега бележиме над 120 милиони штета во транспортот, при што се проценува дека до крајот на годината штетата би можела да изнесува речиси 700 милиони евра. Државата подготвува посебна програма за обнова на градежништвото и транспортот, каде се вработени 330.000 работници оцени Михајловиќ.

Србија почна со примена на системот на „зелени коридори“ на одредени гранични премини меѓу кои и со Северна Македонија, во рамките на ЦЕФТА регионот, сопштија во понеделникот од Стопанската комора на Србија (ПКС).

Зелените коридори претставуваат систем на гранични премини под посебен режим, на кои ќе се забрзаат царинските и други процедури. Граничните премини во овој режим отворени се 24 часа на ден, седум дена во неделата, а во Србија во овој режим ќе работат премините на Прешево, Сремска Рача, Гостун и Мердаре. (МИА)

Коронавирус