четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 0
home Регион

Мицотакис: Потребен е дијалог со Турција, но не под уцени, ако Анкара не запре ќе се соочи со санкции од ЕУ

Мицотакис: Потребен е дијалог со Турција, но не под уцени, ако Анкара не запре ќе се соочи со санкции од ЕУ

Турција да запре со агресивното однесување, да соработува и да започне дијалог, а во спротивно може да се соочи со санкции од Европската Унија, испрати порака грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку неговата колумна објавена во весниците „Тајмс“, „Фракфурт Алгемајне Цајтунг“ и „Ле монд“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Потребен ни е дијалог, но не под уцени. Заканата за безбедноста и стабилноста на мојата земја, претставува исто така закана и за безбедноста на сите земји членки на ЕУ. Постои ризик да го поткопа НАТО сојузот. И му се заканува на владеењето на правото на меѓународно ниво. Грција има воен капацитет да одговори на секоја турска агресија, но сигурно, воен инцидент меѓу двете земји не е во интерес на никој, пишува Мицотакис.

Грчкиот премиер порачува дека ако до Самитот на ЕУ на крајот од месецов, Турција не почне да се однесува логично, „тогаш не постои друга опција освен европските лидери да воведат суштински санкции“.

Додава дека Турција има време на располагање да ги избегне санкциите, да направи чекор назад и да отстапи од истражувачките активности во „неодредените морски зони и да се воздржи од агресивната реторика“.

-Разликите не се решаваат со насилство, измами или манипулација, туку мирно и преку меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање. Ситуацијата не мора да биде ваква каква што е сега. Решението е едноставно. Седнуваме. Разговараме за нашите разлики. И се обидуваме да постигнеме договор. Ако не успееме, тогаш ќе оставиме да одлучи Меѓународниот суд, пишува грчкиот премиер на крајот од коумната.

Во Грција денеска предизвика реакции, особено од опозициската СИРИЗА, делот од колумната, во кој Мицотакис открива дека кога Берлин понудил да посредува, успеале дури да стигнат и до „писмено разбирање“, но на крајот Турција се повлекла. (МИА)

Коронавирус