четврток, 19. мај 2022. Вести денес: 209
home Регион

Мета: Нема причина да жалам што немав средба со Ердоган

Мета: Нема причина да жалам што немав средба со Ердоган

Албанскиот претседател Илир Мета вчера не се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за време на неговата посета на Албанија, бидејќи имал набиена агенда, а турскиот колега бил поканет од Владата.

Тој изјави дека нема причина да жали за неостварената средба, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Седумнаесети јануари беше многу несекојдневен ден за мене, исполнет со многу активности за да му оддадам почит на нашиот народен херој, Ѓерѓ Кастриот Скендербег. Немам причина да жалам што не го сретнав господинот Ердоган. Тој беше гостин на Владата и се надевам дека минал најдобро во Албанија. Ако сакаше средба, ќе се потрудев да се сретнам со него, бидејќи имав навистина напорна агенда, но тој не побара средба. Господинот Ердоган не беше поканет од моја страна. Искажувам голема благодарност до турскиот народ за дарежливата помош што му ја дава на албанскиот народ, изјави Мета за ТВ Сири.

Ердоган беше пречекан и придружуван од премиерот Еди Рама, при што го предаде во употреба станбениот блок во Курбин со 524 станови изграден од турската Влада, а притоа беше прогласен за почесен граѓанин на овој град.

По официјалната средба со Рама и прес-конференција, се обрати пред Парламентот, а посетата ја заврши со инаугурација на Етхем Бег џамијата реставрирана со средства на „ТИКА“.

Инаку, вчера се одбележаа 544 години од смртта на Скендербег, поради што дел од медиумите го отворија прашањето зошто токму на овој ден Ердоган престојувал во Албанија.

Коронавирус