вторник, 19. јануари 2021. Вести денес: 49
home Регион

Мета: Болните од Ковид-19 не смеат да чекаат во амбулантни возила до ослободување кревет, Владата да не штеди

Мета: Болните од Ковид-19 не смеат да чекаат во амбулантни возила до ослободување кревет, Владата да не штеди

По влошената епидемолошка состојба со Ковид-19, посебно потребата од болнички капацитети, албанскиот претседател Илир Мета побара од Владата да не штеди за „граѓаните да не остануваат пред болниците во амбулантни возила до ослободување легло“.

Мета искажа длабока загриженост за влошената состојба, зголемениот број починати, заразени и се поголемот број лица на кои им е потребно болничко лекување и порача дека тоа треба да биде главен приоритет.

Според него, потребна е силна организација, која дава итни одговори на многуте и често болни проблеми на граѓаните поврзани со Ковид-19.

-Зголемувањето на случаите на граѓаните погодени од Ковид-19 кои се во сериозна состојба, кои доаѓаат во болниците во Тирана и се принудени да чекаат долго во амбулантни возила, бара итни мерки, за оваа ситуација да не се повтори, наведува Мета.

Додава дека секоја поплака на граѓаните треба да се третира со максимална одговорност и итност, бидејќи секое одложување е опасно по живот и тоа е неприфатливо.

-Владата мора да даде се од себе во оваа борба против пандемијата, не штедејќи на потребното финансирање и организираната мобилизација на сите ресурси за справување со неа. Ковид-19 е опасен непријател и треба да се третира како таков, со цел да се заштитат здравјето и животот на секој граѓанин, порачува Мета.

Од друга страна медиумите пренесуваат снимки и информации дека пред болниците има амбулантни возила со болни во тешка здравствена состојба кои остануваат долго на болничкиот паркинг додека се ослободи болнички кревет.

Коронавирус