сабота, 12. јуни 2021. Вести денес: 0
home Регион

Мета: Албанија не може да биде перална за пари, институциите да реагираат

Мета: Албанија не може да биде перална за пари, институциите да реагираат

Албанскиот претседател Илир Мета реагираше во врска со студијата на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал – ГИ (Global Initiative against Transnational Organized Crime – GI) за регионот на Балканот, насловена „Анализа на протекот на луѓе, дрога и пари на Западен Балкан“, во која се наведува дека средствата обезбедени главно од меѓународната трговија со дрога се перат во градежниот и туристичкиот сектор во Албанија.

Шефот на државата во својата реакција наведува дека на сите влиајтелни меѓународни институции и организации им станало јасно дека криминалниот феномен на перење пари се претворил во систем и дека главно приходите од недозволена трговија со дрога лесно се перат во градежниот и туристичкиот сектор.

– Во објавената студија во периодот од 2017 и 2020 година, се наведува дека Тирана доживеала градежен бум и драстично зголемување на цените на имот и станови, кои се најскапи во регионот. Тоа не може да се објасни со повисоката побарувачка од реалната економија или од зголемувањето на официјалното ниво на приходи, туку напротив тоа е условено главно од пари од организиран криминал и корупција, кои се вложуваат во градежништво и недвижнини, наведува Мета, цитирајќи делови од студијата.

Според истражувањето во периодот од 2017 и 2020 година, цената на еден квадратен метар за стан во Тирана во 2017 година изнесувал 861 евра. Но, во 2020 година, само три години подоцна, цените речиси двојно се зголемиле, достигнувајќи 1.400 – 2.000 евра за метар квадратен.

Во приморскиот град Валона, додава Мета, криминалните групи инвестирале во туристичкиот сектор, вклучувајќи изградба на луксузни хотели на крајбрежјето. Цените се зголемиле од 600 до700 евра за метар квадратен во 2017 година до 1.000, односно 1.200 евра на почетокот на 2021 година.

– Албанија не заслужува да биде перална на пари на локални, регионални и меѓународни криминални организации. Специјалното јавно обвинителство, државното обвинителство и сите институции за спроведување на законот, не треба да замижуваат пред каква било незаконска активност, апелира Мета. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија