Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти го посети денеска во неговиот дом претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, но за целта на средбата на челните луѓе на двете најголеми опозициски партии во Косово за сега нема никаква информација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти, по завршувањето на средбата која траеше повеќе од два часа, за ТВ7 изјави дека ова не е негова прва посета на Мустафа и дека причината за посетата ќе биде објавена наскоро.
Слика од средбата на Курти и Мустафа, објави Хаки Абази, поранешен директор на Фондацијата Рокфелер за Балканот, а сега личност блиска на ВВ, кој на својот профил на Фејсбук напиша: „Албанците знаат да се обединат. Лидери во одбрана на државата, отаде партиските интереси“.
Мустафа вчера свика седница на претседателството на ЛДК, по која беше соопштено дека партијата ги интензивира активностите за изготвување платформи за дијалогот со Србија и за вонредни парламентарни избори.
Член на партиското раководство по седницата им изјави на новинарите дека ЛДК нема да учествува на протестот што на 29. септември го организира ВВ, со мотото „да го спасиме Косово од (Хашим) Тачи“, а со цел да се спречи косовскиот претседател да преговара за размена на територии со Србија.
По денешната посета на Курти во домот на Мустафа, дел од косовските медиуми потсетуваат дека пред помалку од две години милитанти на ВВ фрлаа молотови коктели кон куќата на лидерот на ЛДК, кој тогаш беше премиер на Косово.
(Миа)