недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 0
home Регион

Кривокапиќ ја претставува програмата на новата црногорска влада, протести пред Парламентот

Кривокапиќ ја претставува програмата на новата црногорска влада, протести пред Парламентот

Мандатарот Здравко Кривокапиќ во Парламентот на Црна Гора ја образложува програмата и кадровските решенија во новата влада. Во експозето тој посочи дека им е даден мандат за измени, а не замени и дека, како што рече, останува на новата влада да ја искористи шансата и да ја врати Црна Гора на вистинскиот пат. Мандатарот исто така изјави дека владата ќе направи програма за работа за 2021 година во февруари.

Во меѓувреме пред парламентот се одржува мал протест, кој група граѓанки го почнаа со минута молчење поради, како што велат тие, умрената слобода. Тие истакнаа транспаренти на кои пишува „Не е наша влада“, „Не за фашизмот“, „Не за разграбување на културното наследство, не за одземање на црквите и манастирите“.

Инаку, на претставувањето на експозето присуствува и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

– Предизвиците се големи, но како и во секоја криза, наше е да ја искористиме шансата и да ја вратиме Црна Гора на вистинскиот пат. Извршната власт, за разлика од досега, нема да наметнува диктати на Собранието. Ние мора да ги подобриме односите на патот кон целта. Затекнатата состојба, со право може да се нарече државен удар, ситуацијата во јавните финансии е сериозна, административниот апарат е премногу гломазен и неефикасен, епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот е надвор од контрола, здравствениот систем е пред колапс, а медицинскиот персонал е на работ на издржливост, регуларноста на образовниот процес е доведена во прашање, невработеноста се зголемува секој ден поради силната економска рецесија, а граѓаните одамна ја изгубија довербата во институциите, додаде мандатарот.

– Ни беше даден мандат за промена, а не замена. Ако случајно заборавивме што порача народот на овие избори и ако мислевме дека добивме мандат затоа што ни било судено да владееме, во тој момент може да се сметаме за губитници, рече Кривокапиќ.

Тој оцени дека државата е силна онолку колку што се силни институциите и најави дека ќе се обиде да биде премиер кој помалку зборува, а повеќе работи.

Мандатарот посочи дека приоритети на новата влада ќе бидат економијата, борбата против Ковид-19 и вистинско владеење на правото.

– Ќе се обидеме секогаш да гледаме што е најдобро, да дејствуваме со добра волја, така што резултатот ќе доведе до решение што ќе ни обезбеди на сите просперитет, видлив напредок и квалитетен живот на ниво на европски стандарди, рече Кривокапиќ.

Тој рече дека фокусот, покрај слободата на медиумите и функционалноста на судството, ќе биде насочен и кон развојната економска политика, подобрување на конкурентноста и одржливоста на јавните финансии, здрава животна средина, придонес во борбата против неглите климатски промени, посоодветна социјална политика и вработување.

Кривокапиќ, исто така, во Парламентот рече дека уредничката политика и професионалните стандарди на јавниот сервис РТЦГ остануваат загрижувачки.

Тој изрази и благодарност до Европската унија на досега издвоената помош за справување со коронавирусот.

Мандатарот наведе седум столбови на новата влада: зелена економија, дигитална трансформација, регионална соработка, унапредување на конкурентноста, социјална заштита, општество на еднакви шанси и добро управување – како мерило за работата на извршната власт.

Новата црногорска влада ќе има 12 министерства и еден потпретседател, кој воедно е и единствената партиска личност – лидерот на граѓанското движење УРА Дритан Абазовиќ.

Кривокапиќ ги номинираше Сергеј Секуловиќ за министер за внатрешни работи, Оливера Ињац за одбрана и Ѓорѓе Радуловиќ за надворешни работи. Со ресорот за финансии и социјална заштита ќе раководи Милојко Спајиќ, за капиталните инвестиции Младен Бојаниќ иза економскиот развој Јаков Милатовиќ. Кандидат за министер за правда, малцинства и човекови права е Владимир Лепосавиќ, за здравство е Јелена Боровиниќ Бојовиќ, а кандидат за образование, наука, култура и спорт е Весна Братиќ. Ратко Митровиќ е номиниран за министер за екологија, просторно планирање и урбанизам и Тамара Срзентиќ за јавна администрација, дигитално општество и медиуми. Александар Стијовиќ ќе биде на чело на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Сите овие луѓе, со своето знаење, искуство, тимски дух, препораки и претходни резултати беа внимателно избрани и заслужија да раководат со одредени министерства според сите критериуми, рече Кривокапиќ.

Коронавирус