сабота, 19. октомври 2019. Вести денес: 79
home Регион

Косовската полиција нема да му дозволи на Вучиќ да го посети езерото Газивода

Косовската полиција нема да му дозволи на Вучиќ да го посети езерото Газивода

Полицијата на Косово денеска најави дека ќе постапува според планот на Владата во Приштина за посетата на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Косово, односно нема да му дозволи да го посети поделеното езеро Газивода, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вучиќ за време на посетата на Косово, најавена за утре, побара да ја посети и Газивода, но ова негово барање беше одбиено од косовското Министерство за надворешни работи како „неосновано“, со оглед дека, како што изјави министерот Беџет Пацоли, таму нема ниту урбана населба, ниту население.

Директорот на косовската полиција Рашит Ќаљај изјави дека во случај Вучиќ утре да допатува во Косово, полицијата само ќе ги спроведе упатствата од Владата.

– Полицијата на Косово ќе биде таму. Полицијата на Косово нема да дозволи да се прекрши ставот на Владата, изјави Ќаљај за порталот калѕо.цом (kallxo.com). Тој додаде дека „ќе се преземат сите предвидени мерки“ за посетата на српскиот претседател.

– Планот на полицијата е изготвен во согласност со агендата на Владата, која одби само една точка од барањето на Вучиќ. Ова за Полицијата на Косово нема да биде предизвик, бидејќи таа веќе го има подготвено планот за посетата на Вучиќ, изјави Ќаљај.

Вучиќ денеска во Брисел одби да се сретне со неговиот косовски колега Хашим Тачи, а една од причините што ја наведе шефот на српската Канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ беше и одбивањето на дозволата за посета на Газивода.

Ѓуриќ на новинарите во Брисел им изјави дека посетата на Вучиќ на Косово веројатно нема да се реализира, а доколку сепак реши да отпатува, тогаш „низ Косово ќе се движи секаде каде што ќе посака“. Тој најави дека конечната одлука во врска со посетата ќе биде соопштена вечерва, за кога Вучиќ најави обраќање до нацијата. (МИА)