петок, 25. септември 2020. Вести денес: 181
home Регион

Косовската полиција најави протести доколку не им се исплатат надоместоци за работа во пандемијата

Косовската полиција најави протести доколку не им се исплатат надоместоци за работа во пандемијата

Денеска е последниот рок кој косовската полиција го даде на Владата да ги исполни нејзините барања за исплата на дополнителни 300 евра за месеците јули и август, а доколку не го стори тоа полицискиот синдикат најави протести, штрајк и помала посветеност на работата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателката на Синдикатот на полицијата, Валбона Камбери, на денешната седница на собраниската Комисија за безбедност и одбрана изјави дека незадоволството кај полицајците е големо, посебно за работата во услови на пандемија, која не се стимулира од Владата.

– Три барања се упатени до Владата и ниеден одговор досега немаме добиено. Полицијата од 12 март работи по 12 часа на ден поради пандемијата на Ковид-19. Ова е голема пожртвуваност на полицијата која е во првите редови на борбата со пандемијата и за тоа нема никаква стимулација. Досега се заразени над 600 припадници, а десет од нив ја изгубија борбата со вирусот. Затоа стимулирањето на лекарите, но не и на полицајците, со по 300 евра за месеците јули и август, предизвика незадоволство кај полицијата, изјави Камбери.

Како еден од начините на изразување на незадоволството, Камбери најави дека полицијата ќе работи попасивно одошто досега, така што нема да врши контроли и да ги казнува граѓаните за неносење заштитни маски. (МИА)

Коронавирус