среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 0
home Регион

Косовската опозиција се враќа во Собранието и бара предвремени избори

Косовската опозиција се враќа во Собранието и бара предвремени избори

Претседателството на Собранието на Косово свика вонредна седница за утре, на чиј дневен ред, на барање на опозициските партии и на двајца независни пратеници, ќе биде ратификацијата на меѓународни договори, главно во рамките на ИПА програмата на Европската унија, со кои Косово ќе добие десетици милиони евра за разни проекти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, собранискиот спикер Кадри Весели изјави дека враќањето на опозицијата во Парламентот е „добра вест“ за земјата и изрази надеж дека наскоро ќе започнат и редовните седници.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе се одржи редовна седница, на која, како што побара опозицијата, ќе се донесе резолуција за неповредливоста на границите на Косово и ќе му се забрани на претседателот Хашим Тачи и на кому било друг да разговара за размена на територии. Воедно, на истата седница ќе се формира и тим, на предлог на премиерот Рамуш Харадинај, кој ќе ја претставува косовската Влада на преговорите со Србија во Брисел.

– Верувам дека многу бргу, во овој дух, без вонредни седници, ќе имаме и пленарна седница, за да ги споиме во едно двете вонредни седници и да изгласаме заедничка резолуција за национален консензус и да формираме заеднички тим, со мандат од Собранието на Косово, кој ќе се соочи со Србија во финалето на дијалогот меѓу двете држави, изјави Весели по состанокот на собраниското Претседателство.

Меѓутоа, шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти, најави дека на наредната собраниска седница опозициските партии ќе покренат иницијатива за вонредни избори.

– Не остана друг пат освен нови избори (…) Помина времето кога ароганцијата на владејачката коалиција можеше да произведе некаква промена, изјави Хоти, нагласувајќи дека моментно опозицијата претставува 60 отсто од граѓаните на Косово.

Порачувајќи дека „на оваа власт и се ближи крајот“, Хоти најави дека неговата партија, заедно со другите два опозициски субјекти, Движењето Самоопределување (ВВ) и Социјалдемократската партија (ПСД) и со независните пратеници од партијата Алтернатива, на наредната собраниска седница ќе ја започне иницијативата за уривање на владата на Харадинај.

(Миа)

Коронавирус