понеделник, 25. октомври 2021. Вести денес: 100
home Регион

Косово: Побарана собраниска истрага за приемот на донација на тестови за Ковид-19 од Србија

Косово: Побарана собраниска истрага за приемот на донација на тестови за Ковид-19 од Србија

Потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово Насим Харадинај упати барање до Истражната комисија на Собранието на Косово итно да го испита приемот на илјада тестови за Ковид-19, како хуманитарна помош од страна на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук, Харадинај побара од Институтот за јавно здравство на Косово јавно да ја фрли и уништи српската донација и да ја прекине соработката со Владата на Косово, се додека таа не преземе мерки против тие кои ги примиле тестовите, бидејќи, според него, „се погазени сите норми и спроведливи закони во Косово“.

– Да се истражи итно приемот на илјада тестови како хуманитарна помош од Србија, што го осудуваме остро и бараме да се преземат мерки против приемачите на тестовите од Србија (…), Министерството за здравство, односно Владата на (Албин) Курти. Со тоа се навредени сите семејства на загинатите, воените инвалиди, ветераните и семејствата на исчезнатите, напиша Харадинај.

Исто така, вели вториот човек на Организацијата на ветерани на ОВК, „понижени се и засрамени активистите за независност, сите поранешни политички затвореници и сите масакрирани и тортурирани во Косово“.

– Итен повик и до главниот државен обвинител веднаш да започне сеопфатна истрага за сите актери вклучени во овој срамен и голем скандал, побара Насим Харадинај.

Министерството за здравство на Косово објави дека завчера примило донација од илјада тестови за откривање на новиот коронавирус, вредна 30 илјади евра, како дел од соработката меѓу државите од регионот во борбата против пандемијата на Ковид-19.

Приемот на српската донацијата од страна на Владата на Курти предизвика бројни, главно негативни, реакции од опозициските политичари и јавни личности, кои бараат соработката со Србија да се услови со нејзино извинување за злосторствата врз цивилното население во војната од 1999 година и со изведување пред правдата на одговорните за тие злосторства.

Локални избори 2021