петок, 18. септември 2020. Вести денес: 158
home Регион

Конституиран новиот српски Парламент, реакции на опозицијата

Конституиран новиот српски Парламент, реакции на опозицијата

Со полагање на заклетва на народните пратеници денеска во Белград е конституиран новиот српски Парламент, јави дописникот на МИА од Белград.

Со седницата претседаваше најстарата пратеничка Смилја Тишма (91г.) која претходно констатираше дека комисијата за верификација направила извештај за спроведените избори и дека сите 250 пратенички уверенија се во согласност со извештајот на РИК, како и дека се исполнети условите за потврдување на мандатите на сите пратеници.

Тишма соопшти дека пратениците ќе бидат информирани за датумот на одржување на седницата дополнително. Како што кажа таа, пратениците сега имаат обврска да формираат пратенички клубови и да ја предадат таа одлука, како и имињата на претседателот и заменик-претседателот на пратеничкиот клуб.

Заседанието се одржа со мерки за заштита од епидемијата на коронавирус.

Според резултатите од изборите, кои беа бојкотирани од поголемиот дел на опозицијата собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС), листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ на Српската напредна партија (СНС) има 188 пратеници, листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и Единствена Србија (ЈС) има 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ има 11 пратеници.

Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија.

Од конституирањето на новото свикување на Собранието започна рокот од 90 дена за формирање на новата српска Влада, која според српскиот претседател Александар Вучиќ, треба да биде формирана до крајот на овој месец.

Учесниците на протестот, кој го организираше опозициското движење Доста Беше (ДЈБ), меѓу кои беше и расчинетиот калуѓер Антоније Давидовиќ фрлаа јајца и домати во зградата пред Домот на Народното собрание на Србија, кога ги видоа пратениците како излегуваат од него.

По конституирањето на собранието, од опозицијата реагираше и Мариника Тепиќ, потпретседателка на Партијата за слобода и правда (ССП), која пред Собранието, изјави дека „опозицијата која ги бојкотираше изборите, со зборови, се бореше да покаже дека во Србија има едноумие и еднопартиска држава“.

Таа додаде дека единството на опозицијата е единствениот можен пат и дека до „слободни избори“ сите мора да одат заедно, затоа што ова нелегитимно собрание не може да преживее повеќе од една година до година и половина.

Реагираше и лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој изјави дека „денес, нема смисла да учествува во риалити, добро е да се види како изгледа Собранието на Србија без опозиција, да се соголи диктатурата и да се види како пратениците даваат заклетва на Вучиќ“.

Во соопштението потпишано од Иницијативниот одбор на Собранието на слободна Србија се наведува тие ќе бидат место каде што ќе се слушнат различни мислења на различни политички и социјални групи, кои целосно ја изгубија можноста да ги артикулираат своите политички ставови преку официјалните институции.

Формирањето на Собранието на слободна Србија беше иницирано од повеќе интелектуалци, како алтернативно тело чија цел е да ги собере сите граѓани кои сакаат да создадат подобра, демократска Србија. (МИА)

Коронавирус