сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 1
home Регион

Коѕијас: Не можам да бидам дел од Влада што толерира прекршување на нејзината политика со тон клевети

Коѕијас: Не можам да бидам дел од Влада што толерира прекршување на нејзината политика со тон клевети

Одлуката на Алексис Ципрас и Панос Каменос, за Договорот од Преспа повторно да разговараат во март, без при тоа да го известат и да го консултираат министерот за надворешни работи, како и нивната последна средба, повторно без да биде информиран шефот на грчката дипломатија, биле само дел од настаните кои, според Никос Коѕијас претходеле на неговата одлука да си замине од грчката Влада.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во интервју за критската телевизија „Крити ТВ“ за време на неговата посета на островот, поранешниот шеф на грчката дипломатија, детално говореше за она што се случувало на владината седница која што беше пресудна за да си поднесе оставка. Според него, тој не може да биде дел од Влада „што толерира да се прекршува нејзината политика и толерира ова прекршување да е покриено од еден тон клевети“.

Коѕијас наведе дека подолго време постоеле несогласувања за тоа кој ја води надворешна политика во земјата и „дали Министерството за одбрана е второ Министерство за надворешни работи или е Министерство што треба да ја поддржува надворешната политика“.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, за да објасни што претходело, се наврати на 20 септември. Додека бил на пат за Њујорк на Генералното собрание на ОН, било објавено соопштението дека двајцата коалициски партнери во Владата, на нивната средба одлучиле до март да не разговараат за Договорот од Преспа.

– Можете мене да ми објасните што значи ова? Кога договорот вели дека треба Фиромјаните да завршат до декември, а како што се чини по гласањето минатиот петок вечерта, веројатно е да завршат до крајот на декември. Ние што точно ќе направиме? Нема да го спроведеме договорот кој што вели веднаш по уставната промена во ПЈРМ треба да следи ратификација од нас? Ќе го оставиме три-четири месеци?, се запраша Коѕијас во интервјуто и рече дека во однос на ова му се создале многу серозни прашања, бидејќи неговата процена е дека Договорот многу порано ќе дојде во грчкиот Шарламент и за конкретната тема два часа, во Њујорк, разговарал со Ципрас и рекол дека не бил убеден од аргументите.

– Не може еден меѓународен договор што е обврска, да го оставиме и поради внатрешни прашања на малиот коалициски партнер да велиме дека ќе видиме по три-четири месеци од она што го предвидува Договорот. Ова, мене како министер за надворешни работи ми создаде дилеми, коментираше поранешниот шеф на грчката дипломатија.

Тој посочи дека не треба да се води надворешна политика „со погледот насочен кон внатрешноста, туку со погледот насочен кон интересот на земјата“.

– Ова со март, не можам да го објаснам. Не бев присутен, не ме прашаа, не знам, рече Коѕијас.

Еден месец подоцна, на 16 октомври се одржа владината седница на која се чини дека за Коѕијас, чашата се прелеа и одлучи да си даде оставка.

Во интервјуто за критската телевизија, објасни дека ден пред состанокот бил во Луксембург, во Атина стигнал многу доцна, а имал само една белешка дека на седницата ќе се разговара за темите поврзани со буџетот. Не знаел дека на агендата ќе биде патувањето на министерот за одбрана во САД, како што не знаел дека ден претходно Каменос се сретнал со Ципрас. За тоа дознал утрото и вели дека „повторно се разговарало за теми од надворешната политика, без информирање“ и му се појавила дилемата дали требаше некој и него да го извести.

Владината седница почнала, а Каменос тврдел дека за Договорот од Преспа не биле одржани владини седници и тоа не било вклучено во владиниот договор меѓу двете коалициски партии. Коѕијас пак, во интервјуто откри дека за Договорот биле одржани четири владини седници, две мали на кои што се само министрите и две големи. На двете мали, не само што бил доставен текстот, туку ред по ред се анализирал и се одобрувал. Но, Каменос не присуствувал.

– Текстот од Договорот од Преспа беше разгледан на владини седници, беше одобрен од владини седници, секако одобрен е и од самиот премиерот, рече Коѕијас и објасни дека ситуацијата не е „како што вели овој господин, дека договорот е иницијатива на Коѕијас која никој не ја знае“, откривајќи дека ова бил ставот на Каменос во странство и кажувал дека никогаш нема да се имплементира договорот и дека не е запознаен министерскиот совет.

На владината седницата откако секој си ги кажал своите позиции, премиерот требало да ја затвори дискусијата, но на средина бил прекинат од Каменос, кој ги споменал тајните фондови, и според Коѕијас рекол дека „Сорос ја финансира грчката Влада за да купува странци“. На ова, како што рече поранешниот шеф на грчката дипломатија, никој, освен него не одговорил. Ниту некој од министрите, ниту премиерот.

– И јас тогаш реков дека во Влада што толерира да се прекршува нејзината политика и го толерира ова прекршување да е покриено од еден тон клевети, јас не можам да продолжам да учествувам, истакна Коѕијас и рече дека ова не е лично, туку е морално прашање.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас во интервјуто избегна да го спомене Каменос по име, туку ги користеше фразите „другата страна“, „претставникот на малиот коалициски партнер“ и „овој господин“, а на прашањето на новинарот објасни дека „не го интересираат личностите туку политичките структури“.

Коронавирус