понеделник, 25. мај 2020. Вести денес: 62
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Регион

Кипар ќе спроведе 20.000 тестови за Ковид-19 во училиштата

Кипар ќе спроведе 20.000 тестови за Ковид-19 во училиштата

Никозија, 8 мај 2020 (МИА) – Со одлука на кипарската Влада, ќе се направат 20.000 тестирања за Ковид-19 на наставниците, професорите и останатиот персонал во училиштата, како и на учениците, во рамки на обидите за колку е можно побезбедно враќање во училишните клупи, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за образование на Кипар, две третини од тестовите ќе бидат наменети за учениците, секако со одобрение од родител или старател, а останатата една третина ќе ги опфати наставниците, професорите и персоналот во училиштата.

В понеделник, ќе започне наставата за матурантите, а десет дена подоцна, на 21 мај 2020 година, ќе се отворат сите образовни институции согласно планот соопштен од кипарскиот претседател Никос Анастасиадис на 29 април годинава.

Анастасиадис, одговарајќи на, како што рече, „загриженоста на граѓаните, родителите, професорите и учениците“ за почетокот на наставата на 21 мај, денеска истакна дека предуслов за враќањето во училишните клупи, како и за спроведување на сите најавени мерки е епидемиолошката ситуација во земјата, а конечните одлуки ги носат експертите.

-Сакам да истакнам дека Владата и јас лично, нема да дозволиме да се уништи она што преку навремените одлуки, вашите жртвувања, но и климата на единство што преовладуваше, придонесе во постигнатите успеси. Би сакал уште еднаш да истакнам дека наш приоритет беше и останува заштита на здравјето, на животот и просперитетот на граѓаните. Владата никогаш нема да биде соучесник во уназадувањето, порача кипарскиот претседател.

Ситуацијата со Ковид-19 во Република Кипар постепено се стабилизира, а од понеделникот започна првата фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки.

Од почетокот на епидемијата, заклучно со синоќа, од направени 70.811 тестови, регистрирани се вкупно 889 позитивни случаи, почина 21 лице заразено со новиот коронавирус, но во статистиката се заведуваат само 15 лица, кај кои Ковид-19 беше главната причина за смртта.

Коронавирус