четврток, 25. февруари 2021. Вести денес: 94
home Регион

Казната за прекршување на превентивните мерки во Грција ќе се зголеми на 500 евра

Казната за прекршување на превентивните мерки во Грција ќе се зголеми на 500 евра

Зголемување на казната за прекршување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од 300 на 500 евра, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи од Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

-Казната за прекршувачите, за оние кои свесно инсистираат на прекршување на мерките ќе се зголеми од 300 евра на 500 за да можеме да ја загрееме економијата, без да го ставиме во опасност здравјето со трет бран на пандемијата, рече Мицотакис.

Паралелно, истакна дека Владата е подготвена, доколку постои позитивна препорака од Комисијата на епидемиолози, од понеделник да се отворат продавниците во земјата.

-Сакам да бидам апсолутно јасен, секое отворање на економската активност носи ризик од зголемување на случаите. Сè додека ова зголемување на случаите е логично и контролирано и сè додека не врши притисок врз здравствениот систем, тоа е нешто што можеме да го издржиме. Ова се тие тешки рамнотежи што треба да ги најдеме. Значи, ако експертите проценат дека овој ризик е разумен и ни препорачаат дека треба да одиме на постепено отворање на малопродажбата, подготвени сме тоа да го спроведеме од понеделник, објасни грчкиот премиер.

Од Парламентот, соопшти продолжување на две мерки за поддршка на општеството. Едната се однесува на 80 отсто покриеност на трошоците за кирија за деловен простор, што ќе важи и за февруари, а другата е за надоместокот за невработените што ќе го добијат и во следните два месеци.

Коронавирус