сабота, 28. март 2020. Вести денес: 34
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Регион

Карантин за српските државјани од странство во мигрантскиот камп во Суботица

Карантин за српските државјани од странство во мигрантскиот камп во Суботица

По избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, карантинот е неопходен за сите луѓе кои се влезени во Србија, а во зависност од земјата од која доаѓаат, времетраењето на карантинот изнесува 14 или 28 дена.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, сите оние кои треба да бидат ставени во карантин се информираат при нивниот влез во Србија и оваа мерка строго се почитува.

– Има граѓани кои немаат постојано живеалиште во Србија и затоа е приспособен кампот во Суботица каде ќе престојуваат такви лица. За 24 часа, со помош на српските вооружени сили и Комесаријатот за бегалци, кампот во Суботица, во кој беа сместени мигрантите, е претворен во карантин, со обезбедена медицинска помош и сè друго што е потребно за сместување на луѓето, соопшти ТВ Прва.

Од друга страна, како што објави ТВ Н1, околу 60 српски државјани кои синоќа со хуманитарен авион допатуваа од Париз, однесени се во бегалскиот камп во близина на Суботица без воопшто да им биде кажано каде се упатиле.

Според Н1, еден од патниците изјави дека тие веќе не се таму, туку со автобус се тргнати за Белград, каде ќе бидат сместени во просториите на Воената гимназија.

Соња Радевиќ за оваа телевизија изјави дека утрово условите во кампот во Суботица биле нехумани.

– Не има по 10 лица во една просторија, нечисто е, бубачки шетаат, смрди и студено е. Никој не сака да каже каде сме. Подобро да останевме на аеродромот во Париз, таму имавме подобар третман отколку од нашата држава, вели Радевиќ.