недела, 11. април 2021. Вести денес: 0
home Регион

И покрај големиот број вакцинирани лица во Србија, заштитени се помалку од 20 отсто од населението

И покрај големиот број вакцинирани лица во Србија, заштитени се помалку од 20 отсто од населението

Во Србија во пресрет на денешната седница на Кризниот штаб на која се очекува носење на поригорозни мерки поради големото ширење на епидемијата со Ковид-19, во медиумите се разви дебата за тоа колку се ефикасни вакцините во постигнувањето на колективниот имунитет на населението, јави дописникот на МИА од Белград.

Директор на Центарот за анестезиологија на КЦС и координатор на сите болници во Србија, Небојша Лаѓевиќ посочи дека во болниците нема лица кои ја примиле втората доза од вакцината против Ковид-19.

Лаѓевиќ за РТС посочи дека во Ковид болниците во Србија сега има сè повеќе помлади пациенти и дека лекарите и сите здравствени работници се под голем притисок.

Тој наведе дека во болниците има пациенти кои ја примиле првата доза на вакцина бидејќи очигледно сè уште не се развиле антитела, а од друга страна, нема пациенти кои ја примиле втората доза на вакцината.

– Сите пациенти мора да бидат внимателни по првата и втората доза, особено на кинеската вакцина. Триесет дена по втората доза на кинеската вакцина е оптимален рок кога се стекнува прилично високо ниво на антитела, истакна Лаѓевиќ.

Заменик директорот на Клиничко болничкиот центар „Драгиша Мишовиќ“, Предраг Савиќ, за агенцијата Бета изјави дека се надева дека граѓаните разбрале да „ако не се грижат самите за себе, дека вакцините нема да ги спасат“.

– Мислам дека граѓаните се опуштија, многу пациенти се разболеа по првата, па дури и после втората доза на вакцинирањето, што значи дека не се почитуваа стандардните процедури, луѓето да продолжат да се грижат за себе дури и по ревакцинацијата, предупреди Савиќ.

Инфектологот Драган Делиќ оцени дека со досега спроведената ревакцинација се заштитени околу 500.000 луѓе и дека според официјалните податоци, уште толкумина го прележале ковид-19 и се здобиле со антитела.

– Не го достигнавме потребниот колективен имунитет. Србија има седум милиони жители, што значи дека во овој момент, помалку од 20 проценти од населението е заштитено од вирусот. Повеќето луѓе се незаштитени и немаат искуство со инфекцијата, кажа Делиќ.

Тој изјави дека во Србија ќе има колективен имунитет само кога ќе бидат заштитени 85 отсто од населението.

– За да се вратиме во нормалните текови, 85 отсто од населението треба да бидат заштитени со вакцинација или да ја прележат инфекцијата, кажа Делиќ.

Тој оцени дека е природно вирусот да мутира, но дека е потребно да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе во најкус можен рок.

Коронавирус