четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 111
home Регион

Хрватските пратеници од денеска во Сабор со маски

Хрватските пратеници од денеска во Сабор со маски

Хрватскиот Парламент повторно работи по едномесечната летна пауза, а на вонредната седница, свикана на барање на Владата, е долгоочекуваниот Закон за обнова на Загреб по земјотресот што го погоди март.

Претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ претходно ги објави мерките кои пратениците од денеска мора да ги почитуваат за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Меѓу другите мерки, пратениците во салата мора да носат маски, а болните и оние кои се во самоизолација можат да гласаат од далечина.

За разлика од досега, кога носењето маска во салата беше препорака, од денеска тоа е обврска, а кој не се придржува до тоа ќе биде протеран од седницата, пренесоа хрватските медиуми.

Доколку некој од пратеници одбие да ја стави маската, Јандроковиќ рече дека е договорено претседавачот прво да го предупреди лицето да ја стави маската, а доколку не го стори тоа, ќе биде побарано да ја напушти седницата.

– Ако и после тоа одбие, ќе дадеме предупредување со исклучување за тој ден, ќе направиме пауза и ќе побараме од обезбедувањето да го изнесе тоа лице од салата, рече Јандроковиќ.

Новина е што ќе се активира можноста за електронско гласање на пратеници од нивните домови, доколку се болни или во самоизолација. Според Јандроковиќ, за тоа ќе се погрижи Информативната служба на парламентот.

Тие ќе гласаат преку видео врска, но ќе треба да приложат потврда за болест или да имаат решение за самоизолација. (МИА)

Коронавирус