недела, 8. декември 2019. Вести денес: 0
home Регион

Хрватска го одбележува Денот на жртвите од Вуковар

Хрватска го одбележува Денот на жртвите од Вуковар

Хрватска денеска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар, кој од следната година ќе биде државен празник и неработен ден.

Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар, 28 години подоцна, Хрватска го одбележува како ден кога „паднал” градот, додека во Србија се смета за ден на ослободување на Вуковар.

Борбите за Вуковар меѓу припадниците на тогашната југословенска народна армија (ЈНА) и Хрватската национална гарда (ЗНГ), основана од првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман, траеја скоро три месеци, при што, според српски извори, загинаа околу 1.624 луѓе и беа повредени повеќе од 2.500.

Хрватска тврди дека точниот број на загинати и исчезнати за време на тие борби никогаш не е утврден, но проценува дека се убиени повеќе од 4.000 хрватски бранители, а 7.000 се одведени во српските логори.

Централната комеморација ќе биде одржана во вуковарската болница, а од таму, како и секоја година, во традиционалната Колона на сеќавање, долга пет и пол километри, ќе биде одржан марш до Меморијалните гробишта. Во Колоната на сеќавање ќе бидат и претставници на хрватскиот државен врв.