сабота, 15. август 2020. Вести денес: 63
home Регион

Харадинај: Ветераните со иницијатива за затворање на Меѓународниот суд за Косово

Харадинај: Ветераните со иницијатива за затворање на Меѓународниот суд за Косово

Потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), Насим Харадинај најави дека поранешните борци идниот месец ќе ги започнат активностите за затворање на Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг.

Харадинај во синоќешното интервју за телевизијата Т7 изјави дека за таа цел ОВВ-ОВК во август ќе организира петиција, која ќе ја достави до Собранието на Косово, со чија одлука пред пет години беше формиран Меѓународниот трибунал, познат во јавноста како „Суд за ОВК“.

– По петицијата, во август ќе ги повикаме пратениците, за кои верувам дека сега се опаметиле, за да го иницираме поништувањето на Специјалниот суд. Ќе покренеме иницијатива за затворање на тој суд, не еднаш, туку сто пати ако треба, изјави Харадинај.

Пред Специјалните совети за Косово, како што е официјалниот назив на судот што треба да ги испита евентуалните злосторства на ОВК против цивилите Албанци, Срби, Роми и други во последната војна, неодамна беше подигнато обвинение против претседателот на Косово, еден од основачите и водачите на ОВК, Хашим Тачи, кој од завчера се наоѓа на распит пред специјалното обвинителство во Хаг.

Освен против претседателот на државата, обвиненија се подигнати и против лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и поранешен собраниски спикер, Кадри Весели, како и против други водачи на ОВК. Тие се осомничени дека се виновни, меѓу другото, за убиство на над 100 цивили од разни националности за време и непосредно по војната во 1998-99 година.

Тачи најави дека ќе поднесе оставка од претседателската функција доколку биде потврдено обвинението против него. Пред една година, откако беше повикан на интервју во обвинителството во Хаг, оставка од функцијата поднесе тогашниот премиер Рамуш Харадинај, исто така еден од челниците на ОВК. (МИА)

Коронавирус